Македонија Иванов: Македонија е посветена на целите на Парискиот договор за климатски промени

Иванов: Македонија е посветена на целите на Парискиот договор за климатски промени

„Вештачките индустриски системи ги развивме и ги проширивме на сметка на природните екосистеми. Со нашата култура на фрлање, го претворивме нашиот заеднички дом во ѓубриште и ја компромитиравме иднината на нашите потомци“, рече претседателот Ѓорге Иванов во своето обраќање на Самитот за климатски промени во Мароко.

Претседателот Иванов истакна дека Македонија, како земја потписник, е посветена на принципите и на целите на Парискиот договор за климатски промени.

– Иако е земја во развој во рамките на Обединетите нации, Република Македонија во исполнување на своите обврски оди чекор понатаму, особено во делот на известувањето, со кое се приближува кон обврските што ги имаат развиените држави, вклучително и Европската Унија. Но, товарот е голем, а нашите ресурси се ограничени. Република Македонија заслужува фер и рамноправен третман. За успешно да го спроведеме Договорот од Париз, потребен ни е пристап кон меѓународни финансиски механизми за климатските промени, како Зелениот климатски фонд и трансфер на технологии – рече Иванов.

Тој додаде дека мора да го редефинираме и концептот на развојот кој треба да биде во согласност со природата, а не на сметка на природата.