Македонија Иванов – Јилдирим: Поканата за НАТО е важен поттик за реформите и...

Иванов – Јилдирим: Поканата за НАТО е важен поттик за реформите и безбедноста

Претседателот Ѓорге Иванов за време на неговата официјална посета на Република Турција денеска во Анкара се сретна со турскиот премиер, Бинали Јилдирим, и со претседателот на Големото национално собрание на Република Турција, Исмаил Караман.

Како што информираат од кабинетот на Иванов, на средбите биле разменети мислења за севкупните билатерални односи меѓу Република Македонија и Република Турција, при што било оценето дека двете земји негуваат традиционално пријателски односи, со интензивни контакти на високо и на највисоко ниво.

Во контекст на евро-атлантските аспирации на Република Македонија, претседателот Иванов изразил благодарност за досегашната принципиелна поддршка од Република Турција за членство на Република Македонија во НАТО и изразил очекување таа да продолжи.

„Покана за членство на Македонија во НАТО ќе биде дополнителен поттик за реформските процеси во земјата и ќе создаде огромни придобивки за долгорочната стабилност и безбедност на регионот“, порачал претседателот Иванов.

На средбите биле разменети мислења и за можностите за економска соработка, при што било констатирано дека треба да се следи примерот на одличните политички односи и двете земји да се стремат кон натамошно интензивирање на трговската размена.