Македонија Хан се сретна со Иванов: Тука сум да помогнам за излез од...

Хан се сретна со Иванов: Тука сум да помогнам за излез од кризата

Претседателот Ѓорге Иванов денеска го прими Јоханес Хан, комесарот за европска соседска политика и преговори за проширување на ЕУ.

На средбата било разговарано за интеграцискиот процес на Република Македонија во Европска Унија, за унапредувањето на добрососедските односи, како и за актуелните случувања во земјава.

Претседателот Иванов истакнал дека нашата држава останува целосно посветена на отворањето на пристапните преговори и спроведувањето на реформите за членство во ЕУ, подвлекувајчи дека е потребно Европскиот совет да ги согледа последиците од моменталната статус кво состојба и да најде начин за валоризација на позитивните препораки од Европската комисија.

Комесарот Хан изразил надеж дека Република Македонија ќе продолжи со реформските процеси и што поскоро ќе ги почне преговорите за членство во Европската Унија.

– Мојот став и ставот на ЕУ е дека сите политички партии треба да ја имаат политичката дебата во парламентот, а не надвор од парламентот. Тука сум за да помогнам да се најде излез од политичката состојба. Опозицијата да се врати во парламентот и таму да се решаваат сите политички прашања – порачал комерасорот Хан и додал дека е потребно Македонија напорно да работи на клучните забелешки од Извештајот за напредокот на Европската комисија.