Македонија Иванов, Груевски и Заев го честитаа Денот на сесловенските просветители

Иванов, Груевски и Заев го честитаа Денот на сесловенските просветители

Претседателот на државата Ѓорге Иванов, поранешниот премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски и лидерот на СДСМ и мандатар за состав на новата влада, Зоран Заев испратија честитки по повод Денот на сесловенските просветители Св. Кирил и Методиј.

Во честитката на Иванов се вели дека, за важноста и за суштината на просветителската мисија на двајцата браќа, кои внеле нов импулс во верата и во културата на сите словенски народи, говори и фактот што денеска тие се патрони на Европа.

„Темел на културолошкиот процес било создавањето на словенската азбука – глаголица. Но, нивната мисија и нивното сфаќање за развојот и за ширењето на словенската цивилизациска свест се најдобро изразени преку просветителскиот континуитет на Кирилометодиевите ученици, големите дејци свети Климент и свети Наум“, вели Иванов во честитката.

Треба да бидеме бескрајно среќни и горди како народ, бидејќи Светите браќа Кирил и Методиј, кои од страна на неговата светост, Папата Јован Павле Втори се прогласени за заштитници на Европа, не вбројуваат меѓу народите кои дале огромен придонес кон светската наука и култура, вели Груевски во честитката.

„Тие со своето делување и работење овозможија поголема рамноправност на народите во своето време, спротивставувајќи се на дотогаш ограниченото сфаќање дека знаењето и науката треба да се пренесуваат на само неколку тогашни јазици, тие ја проширија писменоста во до тогаш невидени размери и простори и допринесоа за унапредување на науката во целост“, пишува во честитката упатена од Груевски.

Лидерот на СДСМ, Заев во честитката вели дека браќата Кирил и Методиј ја означиле Македонија на светската карта како лулка на словенската култура и писменост.

„Она на што сакам да повикам, е пред нас да е примерот на широкоградата мисионерска дејност на светите браќа Кирил и Методиј, сега кога почнуваме да го обновуваме нашето општество. Јас лично и Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, како партија што ја доби честа и одговорноста да ја предводи новата реформска Влада даваме збор дека ќе се грижиме за Македонскиот јазик и националниот идентитет, но и дека низ почитување на богатството различности во нашата држава, ќе градиме просперитетно општество на сите граѓани во нашата држава“, стои во честитката на Заев.