Економија Италијанската компанија „Фереро“ ќе постави опитни парцели со лешник

Италијанската компанија „Фереро“ ќе постави опитни парцели со лешник

Италијанската компанија „Фереро“ е заинтересирана за поставување опитни парцели со лешник во Македонија, поради што од државата бара под концесија 10 до 20 хектари земјоделско земјиште.

Претставниците на компанијата, Гофредо Перна и Томасо Патикнина, за оваа цел денеска имаа средба со министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Михаил Цветков, како и со државниот секретар Бесир Јашари.

Јашари информираше дека за најповолни за одгледување на лешник се сметаат регионите на Охрид, Струга и Ресен.

Во наредните години ќе се утврдува кој вид лешник најдобро успева, а потоа компанијата планира производство. „Фереро“ е позната по производство на еурокремот „нутела“ како и чоколадните бонбони „рафаело“ и „фереро рошер“.

Компанијата ја реализираше посетата на Македонија на покана од фирмата „Ал јунајтед“ со која соработува, а која во Македонија има 37 хектари засадени со лешник.