Свет Исламска држава протерана од најголемото нафтено поле во Сирија

Исламска држава протерана од најголемото нафтено поле во Сирија

Паравоените сили што ја имаат поддршката на САД денеска објавија дека го освоиле најголемото нафтено поле во Сирија во офанзивата против милитантите на Исламска држава (ИД) во источниот дел на земјата, јавуваат светските медиуми.

Сириските демократски сили соопштија дека утрово ја презеле контролата над нафтеното поле Ал-Омар на источниот брег на Еуфрат. Со воздушна поддршка од САД, сириските демократски сили се борат во регионот на Деир ез-Зор, кој е најголем град во источниот дел на Сирија и седми по големина во земјата.

Сојузничките курдски и арапски паравојски се фокусирани на територијата источно од реката Еуфрат, која ја дели областа богата со нафта.

Сириската војска, со воздушна поддршка на Русија, а помогната од паравојските под контрола на Иран, води одвоена офанзива против Исламска држава, претежно на западниот брег на Еуфрат.

Нафтеното поле Ал-Омар е сместено на околу 10 километри северно од градот Ал-Мајадина, кој стана силна база на милитантите на ИД откако сириските проамерикански сили ги протераа од градот Рака.