Свет Исламска држава го зазеде гасното наоѓалиште Шаер во Источна Сирија

Исламска држава го зазеде гасното наоѓалиште Шаер во Источна Сирија

Исламска држава денеска го зазеде главното наоѓалиште на гас Шаер, во Источна Сирија, пренесоа британските медиуми, повикувајќи се на бунтовнички извори и на невладини организации.

Ова е прв борбен успех на џихадистите во реонот на Палмира, откако во март беа потиснати од градот.

Според агенцијата „Амак“, блиска на оваа џихадистичка група, борците воспоставиле контрола врз гасното наоѓалиште и неговите инсталации, каде биле разместени сириски војници.

Џихадистите, притоа, убиле најмалку 30 војници и стекнале големо количество тешко оружје, вклучувајќи тенкови и ракети.

Сирискиот центар за надзор на човековите права потврди дека Исламска држава го зазела реонот на наоѓалиштето, што се наоѓа на околу 150 километри северозападно од Палмира.

Настанот се случил по тридневни борби и покрај масовните воздушни напади за потиснување на џихадистите.