Свет ИД ја презеде одговорноста за нападите во Париз

ИД ја презеде одговорноста за нападите во Париз

Исламската држава на Ирак и на Сирија ја презеде одговорноста за нападите на шест локации во францускиот главен град Париз, при што досегашниот биланс е 128 загинати и речиси 200 повредени.

Како што јави телевизиската мрежа „Си-Ен-Ен“, терористичката група упатила електронска порака до поддржувачите во која се наведува дека осуммина милитанти со појаси со експлозив и вооружени со автоматски пушки нападнале прецизно избрани области на француската престолнина.

Во пораката на ИД, наводно, уште се вели дека „Франција и другите што го следат нејзиниот пример мора да знаат дека остануваат главни цели на Исламска држава и ќе продолжат да го чувствуваат здивот на смртта поради тоа што одлучија да ја следат оваа крстоносна војна, што се осмелија да го нападнат муслиманскиот пророк, што ја фалат борбата против исламот во Франција и што со нивните авиони ги напаѓаат муслиманите во калифатот“.

Француските медиуми, во меѓувреме, објавија дека кај еден од напаѓачите бил пронајден сириски пасош.