Свет Ирачката војска ги зазеде главните владини објекти во Мосул

Ирачката војска ги зазеде главните владини објекти во Мосул

Ирачката војска ноќеска ги зазела главните владини објекти во Мосул, во рамките на офанзивата за протерување на милитантите на Исламска држава (ИД) и за воспоставување целосна контрола над градот, јавува „Би-би-си“.

Како што пренесува британскиот национален сервис, напредувањето на ирачката војска може да го отвори патот за напад на густо населениот стар дел од Мосул, каде милитантите на ИД се сè уште позиционирани.

Мосул е последното упориште на ИД во Ирак. Источниот дел на градот беше заземен од ирачката војска во јануари годинава.

Цивилите, кои секојдневно го напуштаат градот, како што пренесува „Би-би-си“, посведочиле за синоќешните најжестоки бомбардирања од почетокот на офанзивата на ирачката војска за заземање на западниот дел од градот од милитантите на ИД.

Иако владините објекти во Мосул биле во голем дел уништетни во нападот, сепак нивното заземање се оценува како стратешка и симболична победа.