Македонија Интернационалата за образование задоволна од компромисот меѓу МОН и СОНК

Интернационалата за образование задоволна од компромисот меѓу МОН и СОНК

Министерот за образование и наука, Абдилаќим Адеми, и претседателот на СОНК, Јаким Неделков, имаа средба со генералниот секретар на светска федерација на синдикати и организации во областа на образованието – Интернационалата за образование, Фред ван Лејвен, на која сите го искажаа задоволството од постигнатиот компромис меѓу МОН и СОНК.

– На средбата дискутиравме за активностите и за проектите во образованието и за активностите што ги преземаме со СОНК за подобрување на квалитетот на образованието. Ги информиравме гостите за преговорите со СОНК и дека е најважно што седнавме на иста маса, дискутиравме и се обидовме да најдеме заедничко прифатливо решение – рече Адеми.

Генералниот секретар на Интернационалата за образование, Фред ван Лејвен, им честита на МОН и на СОНК за постигнатиот договор и изрази задоволство што конфликтот од пред неколку месеци е решен.

– Цврсто веруваме дека Македонија е на добар пат за подобрување на образованието кое ќе биде од голема корист за иднината на државата. Во Министерството ги потсетивме дека мора да им се даде професионален и независен простор на наставниците и дека мора на СОНК да им се остави простор и слобода да предлагаат како да се подобри образованието – рече Ван Лејвен.

За незадоволството на одреден број наставници од раководството на СОНК, тој рече дека на синдикатот треба да му се даде време да ги убеди членовите за реформите и дека секогаш е предизвик да се сложат сите кога се работи за воведување нешто ново.

Адеми протестот на наставниците од пред два дена го искоментира како загарантирано право, но дека со СОНК е постигнат договор кој веќе се имплементира.

– Екстерното оценување треба да постои, но треба да се усоврши затоа што не велиме дека е совршено, но со заеднички напори треба да го унапредиме. Сметаме дека екстерното е потребно во процесот на образованието во Македонија, можеби за 10 години нема да биде, но сега е потребно и работиме на негово усовршување – рече Адеми.