Македонија Инспектор на Општина Центар побарал да запре иградбата на улица на кејот,...

Инспектор на Општина Центар побарал да запре иградбата на улица на кејот, изведувачот одбил

Овластен инспектор за градежни работи на Општина Центар побарал да запрат градежните работи за изградба на улица на Кејот 13 Ноември, кои почнале рано утринава, но изведувачот одбил да запре со работа и продолжил со градење, информираат од Општината.

„Овластениот инспектор на Општина Центар, по налог на градоначалникот Андреј Жерновски, утринава пристигна на градилиштето на кејот, на кое повторно, во раните утрински часови, пред празник, почна да се работи. Инспекторот констатираше низа неправилности и недостатоци: неоградено градилиште, отсуство на информативна табла и други нерегуларности. И покрај инсистирањето на инспекторот градежните работи веднаш да запрат, изведувачот одбил да запре со работа и продолжил со градење. Изведувачот на работите повторно приложил одобрение за градба издадено од Град Скопје и не сакал да прекине со работа додека не добие решение за запирање на градбата. Инспекцијата на Општината во моментов изработува записник од контролата и во најбрз рок ќе се издаде решение за запирање на работите, по што изведувачот ќе мора да ја врати улицата во првобитната состојба“, се вели во соопштението од Општина Центар.

Оттаму додаваат дека ова е грубо кршење на одлуките на Општина Центар и јасна политичка провокација за дефокусирање на јавноста. Општината бара од Град Скопје да ја поништи дозволата за градба и да се прекинат сите активности кои се спротивни на законот и на волјата на граѓаните.