Македонија Иницијативата до Уставниот суд ја поднел охридскиот адвокат Китески

Иницијативата до Уставниот суд ја поднел охридскиот адвокат Китески

Иницијативата за амнестирање на лица инволвирани во изборни нерегуларности формално ја покренал младиот адвокат од Охрид, Ристо Китески, кој за порталот „Охрид њуз“ вели дека стои зад барањето поднесено пред Уставниот суд. Тој вели дека иницијативата е лично негова и дека не гледа ништо спорно во неа.

– Иницијативата за измени во Законот за помилување до Уставниот суд е моја и стојам зад неа. Секој адвокат, впрочем како и секој граѓанин на Република Македонија, може да поднесе иницијатива пред Уставниот суд, а судот треба да процени дали ќе ја прифати или не – прецизира адвокатот Ристо Китески.

Како што наведува „Охрид њуз“, Китески работи во канцеларија на адвокатот Љупчо Наумовски, кој е бранител на осомничени странки во случајот „Титаник“.

Китески, пак, тврди дека не е негов соработник, туку самостоен адвокат, а канцеларијата ја делеле со Наумовски од финансиски причини, колку да ги намалат трошоците за тековно работење.

Уставниот суд вчера ја прифати да ја разгледа иницијативата за промена на Законот за помилување, со која повторно му се дава право на претседателот на државата да помилува лица осудени за изборни нерегуларности.