Македонија Илиоски: Со изборот на Џафери, СДСМ ги погази Уставот и волјата на...

Илиоски: Со изборот на Џафери, СДСМ ги погази Уставот и волјата на народот

СДСМ и Горан Мисовски нелегално го избраа Талат Џафери на позицијата претседател на Собранието и покажаа дека се подготвени да ги погазат и Уставот и волјата на народот за да ги платат политичките фактури од албанските партии и да ја реализираат албанската платформа, обвини денеска на партиска прес-конференција Зоран Илиоски, пратеник и член на извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ.

– На оваа незаконска одлука, како потписник стои Горан Мисовски со функција заменик-претседавач на Конститутивната седница на Собранието на Македонија. Ова е класичен фалсификат и прекршување на законот. Мисовски немал апсолутно никаква функција да претседава со срамниот собир на кој беше направен обид за избор на Талат Џафери, а уште помалку да се потпишува на нелегитимна одлука. СДС и неговите партнери во низа извршија неколку кршења на деловникот и на нормите – рече Илиоски.

Според него, првото прекршување било тоа што пратениците од СДСМ и нивните партнери продолжиле со работа „по затворање на седницата во 18 часот, од страна на единствениот легитимен претседавач, Трајко Велјаноски“.

– Потоа следуваше ново прекршување со нелегитимниот избор на Мухиќ, а потоа и Горан Мисовски за претседавачи, спротивно на нормите и на процедурите. СДС го оневозможи највисокото демократско парламентарно право, правото на дискусија на пратениците. СДС го прескокна формирањето на Комисија за избори и за именување со што спречи истата да предложи и други кандидати за претседател на Собранието. СДС го погази и правото на пратениците да соберат потписи и да предложат и други кандидати за претседател на Собранието. На крај, без никакво пребројување на гласовите и на присутните, без никаков стенограм и ангажман на стручните служби, СДС нелегално се обиде да си избере претседател на Собранието. Ова дело извршено од Мисовски, е дел од сценариото на СДС да изврши државен удар, да ги погази процедурите, законите, Уставот и деловникот на Собранието на Република Македонија – рече Илиоски.