Македонија ИК на ВМРО-ДПМНЕ му даде легитимитет на Груевски за да почне разговори...

ИК на ВМРО-ДПМНЕ му даде легитимитет на Груевски за да почне разговори за новата влада

Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ денеска одржа редовна седница со која раководеше претседателот на партијата Никола Груевски.

– Централна тема беше претстојниот процес на формирање влада, при што беше истакнато дека ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата за подобра Македонија освоија најголем број гласови од граѓаните и императив е да се почитува волјата на мнозинството кое гласаше за програмата „Реално“ и за проектите предвидени во неа. Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ му даде полн легитимитет на претседателот Груевски за почнување разговори за состав на новата влада кои треба да се водат на принципиелни основи, запазувајќи ги државните интереси – се вели во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.

Во него се додава дека во анализата на изборните резултати, било заклучено дека граѓаните на овие избори го поразија СДСМ и испратија јасна порака дека не прифаќаат политика на деструкција и партија чие раководство функционира според мафијашки принципи.

На седницата, како што пишува во соопштението, било посочено дека е потребна политичка стабилизација за продолжување на економскиот напредок, за што е неопходно составување на влада која ќе биде фокусирана кон исполнување на реалните потреби и барања на граѓаните.