Главна секција ИК на ВМРО-ДПМНЕ: Да се почитува законот што предвидува недвосмислени прашања

ИК на ВМРО-ДПМНЕ: Да се почитува законот што предвидува недвосмислени прашања

Во врска со формулацијата на референдумското прашање, ИК на ВМРО-ДПМНЕ смета дека за да се согледа јасно волјата на граѓаните, мора да се почитува законот што предвидува недвосмислени прашања, било заклучено на синоќешниот состанок на Извршен комитет на партијата.

„ИК му даде целосна и недвосмислена поддршка на партискиот лидер Христијан Мицкоски да ги застапува ставовите на партијата во натамошниот тек на лидерската средба. Македонските граѓани заслужуваат власт која вистински ќе се води по европските принципи за почитување на Уставот и законите, особено за важни прашања поврзани со носење на одлуки за иднината на државата како што се македонските интеграции во Европската унија и НАТО“, се наведува во соопштението.

ИК на ВМРО-ДПМНЕ бара реализирање на веќе договорените концепти за финансирање на партиите и формирање техничка влада по пржинскиот модел пред секои избори.

„Само на овој начин избирачите ќе имаат гаранција дека власта нема да го злоупотреби нивниот глас, односно дека опозицијата ќе има можност соодветно да дејствува при сите обиди за можен фалсификат и нема да се дозволи повторување на локалните избори. Обидите на Зоран Заев да ја манипулира јавноста со измислени образложенија дека некој бара амнестија за некаков криминал беа оценети како несериозни“, се додава во соопштението.