Македонија ИЈЗ: Над 900 луѓе во јануари се заразиле со овчи сипаници

ИЈЗ: Над 900 луѓе во јануари се заразиле со овчи сипаници

Во јануари пријавени 14 случаи на скарлатина, 13 случаи на инфективна мононуклеоза, 8 случаи на голема кашлица, два случаи на пневмококна инфекција и по еден случај на заразни заушки и менингококна болест, наведено е во извештајот на ИЈЗ

Фото Marcelo Leal on Unsplash

Најчесто регистрирано акутно заразно заболување во јануари, биле овчите сипаници (варичела), со вкупно 903 пријавени лица во државата, покажува месечниот билтен за движењето на акутните заразни заболувања, кој го објави Институтот за јавно здравје (ИЈЗ). По овчите сипаници, на второ место по број на пријавени заболени во месец јануари се ентероколити, со 163 пријавени случаи.

„Во однос на поделбата на акутните заразни заболувања по групи во јануари, најголем број припаѓаат на капкови заболувања. Од нив, најголем број (95,9 отсто) се пријавите за овчи сипаници. Во оваа група се пријавени 14 случаи на скарлатина, 13 случаи на инфективна мононуклеоза, 8 случаи на голема кашлица, два случаи на пневмококна инфекција, и по еден случај на заразни заушки и менингококна болест“, наведено е во извештајот на ИЈЗ.

Во текот на јануари, пријавени биле вкупно 5.716 заболени лица од грип. Од нив, најголем број на заболени е регистриран во Скопје, а највисока инциденца е регистрирана Дебар. А од почетокот на сезоната, во Македонија заклучно со четвртата недела од 2024, пријавени се вкупно 7.009 случаи на грип и заболувања кои личат на грип. Од нив, најголем број на заболени се регистрирани на територија на Скопје.

ИЈЗ известува и за случај на труење со храна во месец јануари. До нив стасала една пријава за епидемија на алиментарна интоксикација од Куманово. Епидемијата е пријавена на 02.01.2024, како семејна епидемија во која од експонираните 14 лица заболеле 5, на возраст од 5-59 години, од кои 3 лица биле хоспитализирани.

Во однос на сексуално преносливите болести, ИЈЗ соопштува дека во јануари, пријавени биле три случаи потврдени на ХИВ, од машки пол, кои припаѓаат на возрасната група од 20 до 59 години.

„Согласно постоечката евиденција на пријавени случаи, бројот на лица регистрирани со ХИВ/СИДА во Македонија, за периодот 1987 до 2023, изнесува 639, и тоа 126 лица починале, а 513 лица живеат со ХИВ/СИДА“, наведено е во билтенот.