Свет ИД го забрани носењето бурка во Мосул

ИД го забрани носењето бурка во Мосул

Исламска држава на жените им го забрани носењето бурка во делови на ирачкиот град Мосул. Забраната е донесена откако се случија серија напади кои врз припадниците на таа терористичка организација ги извеле жени со бурки и со никаби.

Жените на други јавни места и понатаму ќе мораат да бидат целосно покриени. Прописите за облекување во Исламска држава бараат жените да го покријат секој дел од своето тело, вклучувајќи ги и очите.

Оние што ќе бидат фатени без прописна облека ќе добијат јавно камшикување, а ризикуваат и да бидат убиени.

Забраната за носење бурки во Мосул доаѓа во моментите кога во Европа сè почести се контроверзиите околу носењето традиционална исламска облека во јавност.

Германската влада расправа за можноста за забрана на веловите што го покриваат лицето, а забраната за капење во буркини веќе се применува на некои од француските плажи.