Македонија Христијан Мицкоски го доби мандатот за составување Влада од претседателката Сиљановска- Давкова

Христијан Мицкоски го доби мандатот за составување Влада од претседателката Сиљановска- Давкова

ВМРО-ДПМНЕ на изборите освои 58 пратенички мандати и најави коалиција со движењето „Вреди“ кое има 14 пратеници и движењето ЗНАМ – За наша Македонија со 6 мандати

фото: ВМРО-ДПМНЕ

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, го доби мандатот за формирање Влада од страна на претседателката Гордана Сиљановска- Давкова, по парламентарните избори кои се одржаа на 8 мај на кои оваа партија оствари убедлива победа.

Со врачувањето на мандатот, почнуваат да течат 20 дена за формирање на нова Влада.

„Претседателот на Собранието Африм Гаши беше изгласан со 76 гласа ‘за‘, па овој резултат и преговорите кои се во тек ми даваат за право основано да сметам дека лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски има сериозна можност да формира Влада, односно да освои 61 глас при гласањето на владиниот состав“, рече претседателката Сиљановска- Давкова.

ВМРО-ДПМНЕ на изборите освои 58 пратенички мандати и најави коалиција со движењето „Вреди“ кое има 14 пратеници и движењето ЗНАМ – За наша Македонија со 6 мандати.

„Сакам да најавам дека набргу ќе биде составена новата реформска влада која ќе има основна цел и задача да се занимава со реформите, да ги движи процесите напред, да не тонеме како држава и како општество во политичкото мочуриште на меѓу-политички препирки, туку да ја развиваме нашата држава“, изјави Мицкоски по добивањето на мандатот.