Свет Балкан Хан: Србија не е сама, таа е европска земја

Хан: Србија не е сама, таа е европска земја

Еврокомесарот за соседска политика и за проширување, Јоханес Хан, порача дека Србија не е сама, дека е европска земја и оти со бегалската криза треба да се соочат заедно.

Хан ѝ се заблагодари на српската влада за сè што направила за бегалците, откако со премиерот Александар Вучиќ ги посети Прифатниот центар за бегалци во Шид.

– Видов што сè е направено за да им се помогне на бегалците – рече Хан и порача дека станува збор за заеднички проблем, за кој е потребен европски одговор.

Според Хан, ниту една земја не може да биде оставена сама да се справува со овој проблем и изрази уверување дека проблемот може да реши ако се работи заедно, во духот на сложноста и ако се подели товарот.

– Нови граници и ѕидови не се тоа на што се потпира функционирањето на Европа – порача Хан.

Еврокомесарот рече дека лидерите на ЕУ одлучиле како да дејствуваат и оти е договорено да се зајакнат надворешните граници, да се воспостават „критични точки“ за регистрација, а неговата обврска е да им помага на земјите како што е Србија затоа што „не може само една земја да го носи товарот, која е жртва само затоа што е транзитна земја“.

Хан порача дека ЕУ сигурно ќе обезбеди финансиска и политичка поддршка за Србија, забележувајќи дека, како и во животот, парите значат многу, но не се сè.

На прашање за затворањето на границата, кое го воведе хрватската влада, Хан не сакал да одговори велејќи дека прифатниот центар во Шид не е место за разговори на таа тема и оти за тоа ќе има можност на прес-конференцијата закажана за попладне.