Главна секција Хан: Предвремени избори до крајот на април наредната година

Хан: Предвремени избори до крајот на април наредната година

Еврокомесарот за проширување, Јоханес Хан, по повеќечасовната средба со лидерите на политичките партии во Македонија, рече дека е договорено предвремени избори да има во април наредната година, а дотогаш, во таканаречениот транзициски период, треба да се направи прочистување на избирачкиот список.

Хан се заблагодари на трпението и рече дека имале многу интересна и конструктивна средба.

– Како што гледате, опкружен сум со лидерите на политичките партии, имавме добра дискусија и добро е што и овојпат ги потврдивме заложбите за европската иднина на земјата. Важно е претходно да се решат внатрешните проблеми и да се постигне политички компромис и баланс и поради тоа имавме временски притисок. Се согласивме на транзиционен период, а до крајот на април идната година да се спроведат предвремени избори, но претходно важно е државата да се подготви за тоа. Да се направи прочистување на избирачкиот список и да се прифатат сите препораки на Европската унија. Деталите ќе се договорат на средба наредната недела во Брисел – рече Хан.

Лидерите на партиите не дадоа изјави по завршувањето на средбата. Рекоа дека одлучено е да остане само изјавата на Хан.