Македонија ГТЦ да се прогласи за културно наследство, бараат активистите

ГТЦ да се прогласи за културно наследство, бараат активистите

По неуспешниот референдум, активистите од иницијативата „Го сакам ГТЦ“ не се откажуваат од борбата.

Тие планираат низа активности за зачувување на автентичниот изглед на Градскиот трговски центар.

Прва е прогласување на ГТЦ за културно наследство.

– За ГТЦ да се прогласи за културно наследство и да добие некаков сптен на заштита, ќе треба да се одвојат финансии од буџетот за да се изработи елаборат, кој ќе им служи како ориентир на реставраторите и на конзерваторите, во зависност од тоа каков степен на заштита ќе добие – изјави Даница Павловска од „Го сакам ГТЦ“.

Од иницијативата велат дека не почнале ниту, пак, завршле со референдумот, затоа и планираат да продолжат со досегашните активности.

Според Павловска, фактот дека 17.000 граѓани вчера го дале својот глас за зачувување на сегашниот изглед на фасадата на трговскиот центар, кажува многу и власта треба да размисли колку нејзината одлука да го облече ГТЦ во барокна фасада во овој случај е легитимна.

Во меѓувреме, во медиумите веќе се појавија шпекулации дека околу ГТЦ почнале да се поставуваат тараби, но Аго Абазовски за „Радио Слободна Европа“ вели дека според неговите прогнози, реновирaњето нема да почне во следниве неколку месеци оти во моментов се изработувала студија за економска оправданост, која треба да ја покаже исплатливоста и начинот на инвестирање, а која тој очекува да биде готова во наредните два-три месеци, па потоа ќе почнеле со барање инвеститори.