Македонија Груевски: Ќе има пеколни удари, ќе има жртви и саможртви, ама ќе...

Груевски: Ќе има пеколни удари, ќе има жртви и саможртви, ама ќе издржиме и ќе победиме

Очигледна е незаинтересираноста на новата власт кон одбележување на 23 Октомври, изјави денеска во Штип лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, на свечена академија по повод Денот на македонската револуционерна борба.

Груевски, говорејќи за Договорот за добрососедство со Бугарија, рече дека Владата без јавна дебата и без да го праша народот за тоа, потпишала „договор со кој е превидено менување на учебниците по историја“.

Според него, ако го нема ВМРО, ќе ја нема и Македонија, а како што рече тој, „живееме во време кога духот на Македонецот е уништен“.

– Тие нема да застанат тука. Ќе има пеколни удари. Ќе има жртви и саможртви, ама ќе издржиме. Ќе издржиме и ќе победиме – рече Груевски.

Тој истакна дека и основачите на ВМРО никогаш не се поколебале и не отстапиле од идејата, дури ни во своите последни моменти од животот.

– Беа шиканирани и оцрнувани, некои се обидуваа да ја прикријат нивната заслуга, некои ги понижуваа и не ја вреднуваа нивната борба и жртва за Македонија. Ние, наследниците на идејата на основачите и на сите други херои, успеавме да го осветлиме нивниот лик, да ја кажеме вистината, да ја отвориме историјата и да ги избришеме немакедонските погледи врз нив и нивната револуционерна страст – порача Груевски.