Главна секција Груевски: Велигден е празник кој во себе носи порака на љубов и...

Груевски: Велигден е празник кој во себе носи порака на љубов и на заемно почитување

Дозволете ми со голема радост во мое лично име и во името на Владата на Република Македонија, Вам, на членовите на Синодот и на сите православни верници од Македонија и од дијаспората, да Ви го честитам големиот христијански празник – Велигден, искрено посакувајќи Ви среќни и благословени празнични денови, пишува во честитката што премиерот Никола Груевски ја упати до сите православни верници по повод Велигден.

–  Велигден е денот кога се празнува Христовата жртва за човековото спасение, тоа е празник на љубовта, почитувањето на животот и на вербата во спасението. Велигден е длабоко вкоренет во нашата православна традиција и меѓу православните граѓани кои со голема радост и со почит пристапуваат кон празнување на овој ден. Велигден е и празник кој во себе ја носи универзалната и цивилизациска порака на љубов и за заемно почитување, соживот и разбирање. Секој човек поминува низ мигови на искушенија, наш предизвик е да ја пронајдеме силата во себе да се издигнеме над предизвиците на телото и на умот и со божја волја да го избереме вистинскиот пат, патот на почитување, на сакањето, да си помагаме и да не си грешиме или да си предизвикуваме зло еден на друг. Примајќи го зборот божји во нашите срца, даваме мир и спокој на душата. Обединети околу овие вредности, треба да чекориме напред, сите заедно да придонесуваме за напредокот и за развојот на нашата заедничка држава Македонија – пишува во честитката на Груевски.