Главна секција Груевски: СЈО нема да нè скрши, историјата ќе суди

Груевски: СЈО нема да нè скрши, историјата ќе суди

ВМРО-ДПМНЕ е нападната како никогаш досега во историјата, а целта е кршење на партијата и ставање под контрола за поголеми цели од страна на тој што го креираше овој процес, изјави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, на прес-конференцијата по повод обвиненијата што денеска ги поднесе Специјалното јавно обвинителство.

– Се работи за политички, а не за правен процес. СЈО остана инструмент за партиски прогон и канцеларија на СДСМ. Најголем доказ е тоа што носи одлуки без никакви правни докази. Ова е срамен и кукавички чин и нема да остане без одговор од ВМРО-ДПМНЕ – рече Груевски.

Тој порача дека обидот партијата да биде скршена ќе заврши без успех и дека таа ќе остане на бедемот на државата.

– Конструктивноста или попустливоста, како што велат некои, во нашето дејствување завршува денеска. Сега историјата ќе суди, а СЈО ќе биде дел од историјата од кој ќе се срами секој што ја сака оваа земја – рече Груевски.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ рече дека единствениот грев за кој се гонат функционери на партијата е тоа што тој и партијата 11 година биле на браникот на државата и во одбрана на националните интереси.

– Овде не е само Никола Груевски во прашање, туку цела една идеја за силна и цврста Македонија, која сакаат да ја урнат. Сега во врхушката на СДС се ситат за ова, но бргу ќе дојде денот кога ќе сфатат дека кругот се врти и дека ќе дојде момент кога ќе се најдат во долниот дел на кругот – рече Груевски.

Според него, станува збор за чиста политичка и антимакедонска конструкција на СЈО и дека иднината ќе го докаже тоа.

На прес-конференцијата, во седиштето на ВМРО-ДПМНЕ присуствуваа голем број членови на партијата, а на подиумот Груевски беше придружуван од високи функционери на партијата, меѓу кои голем дел се и обвинети во случаите на СЈО.