Македонија Груевски се сретна со премиерот на Кина, Кечијанг Ли

Груевски се сретна со премиерот на Кина, Кечијанг Ли

Премиерот Никола Груевски денеска во Пекинг се сретна со премиерот на Народна Република Кина, Кечијанг Ли.

На средбата соговорниците го поздравија позитивниот развој на односите меѓу Република Македонија и Народна Република Кина, кои се одликуваат со пријателство, заемно разбирање и со меѓусебна поддршка. Соговорниците ги истакнаа и економските односи, кои бележат нагорен тренд и позитивен развој.

Груевски посочи дека Македонија ја поддржува иницијативата на НР Кина за соработка со земјите од Централна и од Источна Европа во рамките на процесот 16 плус 1, што ќе придонесе за продлабочување на односите и за економски развој на земјите.

Тој изрази задоволство од успешниот тек на изградбата на автопатските делници Миладиновци – Штип и Кичево – Охрид, кои се реализираат во соработка со кинеската Влада и со Ексим банката.

Премиерот Кечијанг Ли посочи дека НР Кина е заинтересирана за и ја поддржува соработката со Македонија. Тој даде позитивна оцена за економските политики на Македонија и изрази надеж дека во наредниот период ќе се реализираат дополнителни заеднички проекти во областите од заемен интерес.

Беше договорено во идниот период претставници на двете страни да работат на финализирање на повеќе проекти кои се од заедничко значење и ќе придонесат за дополнително интензивирање на заедничките односи.