Македонија Груевски се сретна со престолонаследникот на Саудиска Арабија

Груевски се сретна со престолонаследникот на Саудиска Арабија

Прмиерот Никола Груевски, денеска во Ријад се сретна со престолонаследникот на Кралството Саудиска Арабија, Салман бин Абдулазиз ал–Сауд.

На средбата, според владиното соопштение, соговорниците изразиле подготвеност за продлабочување на заедничките односи и размениле мислења и ставови за интензивирање на економската и на политичка соработка во повеќе области од заемен интерес.

„Министрите за финансии на Република Македонија и на Кралството Саудиска Арабија, Зоран Ставрески и Ибрахим ал-Асаф, потпишаа договор за одбегнување на двојното оданочување меѓу двете држави, што дополнително придонесува за олеснување и за поттикнување на можната соработка и трговската размената меѓу двете земји“, стои во соопштението.

Владината делегација вечерва ќе присуствува на бизнис-форум во главниот град Ријад,  што ќе се одржи во соработка со индустриската комора на Ријад, а утре ќе ја продолжи својата посета, претставувајќи ги можностите за инвестирање во Република Македонија на бизнис-форум во вториот по големина град во Саудиска Арабија, Џеда.