Македонија Груевски: Ние сме Европејци и нашето место е во Европа

Груевски: Ние сме Европејци и нашето место е во Европа

Премиерот Никола Груевски во рамките на учеството на Конгресот на Европската народна партија што се одржува денеска и утре во Мадрид имаше обраќање пред присутните политички лидери членови на партијата. Тој во обраќањето истакна дека Република Македонија ги живее и работи за европските вредности.

– Ние сме Европејци и нашето место е во Европа. ЕПП во целиот овој период од независноста е голем пријател на мојата земја, помогнала во надминување на многу предизвици, во спроведување на многу реформи кои имале за цел унапредување на стандардите – посочи Груевски.

Тој истакна дека Европа мора да продолжи да се движи напред бидејќи, како што рече, тоа е потреба на светот, а во тоа движење нужно е да се обезбедат гаранции и услови за движење напред на секоја земја членка која сака да биде дел од ЕУ.

– Шесте последователни препораки на ЕК за почеток на преговорите за членство на РМ во ЕУ, се показател и причина за оправданите очекувања и потреби на македонските граѓани кои очекуваат соодветна одлука од Европскиот совет. Поддршката на ЕПП е значајна за остварување на оваа цел, исто како и поддршката на ЕПП и нејзините членови во надминувањето на предизвиците кои ги имавме на домашен план и давањето на нов ветар на реформите, на евроинтеграциите и развојот македонската економија – истакна Груевски.

Тој воедно подвлече дека македонската Влада ќе продолжи да спроведува длабоки политички и економски реформи, кои се насочени кон исполнување на неопходните критериуми за членството во Европската унија, подобрување на животниот стандард и квалитетот на живеењето на македонските граѓани, како и кон јакнење на капацитетот на институциите на Република Македонија, бидејќи, како што посочи, ние сакаме да ја оствариме главната стратегиска цел на нашата земја за членство во европските и евроатлански интеграции.

Во Мадрид се присутни и Никола Попоски, Влатко Ѓорчев и Александар Николоски.