Македонија Груевски: Ќе има сериозна реакција ако СДСМ се обиде да го прекрши...

Груевски: Ќе има сериозна реакција ако СДСМ се обиде да го прекрши деловникот

ВМРО-ДПМНЕ ќе одговори жестоко и соодветно доколку СДСМ се обиде да го прекрши деловникот на Собранието на Република Македонија за да назначи негов претседател, а и народот нема да остане со скрстени раце, порача денеска лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски.

– Доколку СДСМ влезе во сценарио на неправно, незаконско, недемократско и неделовничко однесување во парламентот, треба да знае дека ВМРО-ДПМНЕ ќе реагриа остро, а треба да очекува дека и народот во Македонија ќе има сериозна реакција, според она што можеме да го видиме деновиве. Тоа би било голема грешка на СДСМ во правец на нарушување на демократијата и стабилноста во Република Македонија – рече Груевски во одговор на новинарско прашање по посетата на новата спортска сала во Домот за деца без родители „11 Октомври“ во Скопје.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ додаде дека народот е свесен, знае што се случува и гледа какви обврски, како што вели, презеле Заев и СДСМ и веќе 40-тина дена секојдневно реагира на улиците.

– Го предупредувам Заев да не си поигрува со демократијата во Македонија и со народот, бидејќи оваа држава не е негова, туку е на народот. Тој не може зад грбот на народот да договара одредени сценарија и платформи од туѓи држави и тоа по избори, откако ги поминал изборите и ги исполажал луѓето дека нема ништо од прифаќање на двојазична држава, кантонизација… Откако добро ги исполажа луѓето дека сето тоа било само во мојата глава и дека измислувам во време на кампања, Заев две недели по изборите излезе и почна да ги кажува работите кои ги договорил и за кој презел обврски – посочи Груевски, нагласувајќи оти не треба да се очекува дека народот и ВМРО-ДПМНЕ ќе седат со скрстени раце.