Македонија Груевски им се пожалил на европратениците дека Владата прекршува закони

Груевски им се пожалил на европратениците дека Владата прекршува закони

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, заедно со партискиот генерален секретар Христијан Мицковски, со Антонио Милошоски, Александар Николоски и со Влатко Ѓорчев, денеска во седиштето на партијата се сретна со европратениците Иво Вајгл и Едвард Кукан.

Од партијата соопштуваат дека на средбата се разговарало за актуелните политички теми и за стратешките приоритети на државата.

„Од страна на ВМРО-ДПМНЕ беше истакната загриженоста поради случаите на самоволие и на отворено прекршување на законите од актуелната влада во поглед на именувањата и работењето на конкретни институции на владата. На средбата беа посочени случаи на притисоци зад кои стојат политички мотиви врз администрацијата, како и дискриминација по повеќе основи. Беше истакната и загриженоста за актуелната економска ситуација и за негативните трендови во однос на макроекономската состојба, која може да доведе до рецесија и до слабеење на економскиот стандард на граѓаните“, се вели во партиското соопштение.

Груевски пред бриселската тројка посочил дека стратешки интерес на државата останува членството во Европската Унија и во НАТО.