Македонија Груевски: Групата што ќе протестира е партиски мотивирана

Груевски: Групата што ќе протестира е партиски мотивирана

Ако првиот пат студентите не беа информирани за концептот пред да протестираат, сега сè е доволно јасно, посочи премиерот Никола Груевски, како коментар на најавите за нови протести на студентите.

– Сега се знае дека станува збор за државен испит, а не за екстерно тестирање и за тоа дека овие два концепти се сосема различни. Исто така, се знае дека државниот испит не ги опфаќа сегашните студенти, туку идните. Сега, сè повеќе е јасно дека оваа помала група која ќе излезе на следниот протест, е партиски мотивирана. Најголем дел од демонстрантите се од подмладокот на СДСМ и од невладините организации финансирани од Владимир Милчин и „Сорос“ – истакна Груевски.

Премиерот посочи дека едни исти лица се појавуваат на сите протести против Владата и себеси се претставуваат и како студенти и земјоделци и како стечајци.

На изјавата реагираа од опозицискиот СДСМ. Во соопштението од партијата пишува дека студентите порачале „не“ за полтиките на Никола Груевски.

– Груевски прво се сплетка: те екстерно било, те државен испит бил, а сега пред најавениот нов протест на студентите, се реши на највалканиот чекор – да прави раздор и конфликт лично меѓу нив и во студентските тела. Ова е девијација до крајни граници и дрзок обид на поигрување со достоинството на младите луѓе, од страна на човек кој девет години е во премиерската фотелја, но до денес не сфати што значи да си премиер – реагираат од СДСМ.