Македонија Груевски го осуди терористичкиот напад во Париз

Груевски го осуди терористичкиот напад во Париз

Терористичкиот напад во Париз што се случи синоќа однесе огромен број жртви и тоа е грозоморен чин што го осудуваме, изјави денеска премиерот Никола Груевски.

Тероризмот, како што истакнува Груевски, станува сè поголема закана за светот, вклучувајќи ја и Европа. Според неговите зборови, нема држава што е имуна на терористички напади и секоја може да биде предмет на таков напад.

– Секоја држава треба да биде добро подготвена, колку што е можно повеќе да ги спречи или да ги запре на самиот почеток, пред да дојде до вакви масовни жртви и убиства, како синоќа во Париз – изјави Груевски, одговарајќи на новинарски прашања по посетата на село Нерези во општина Карпош.

Во телеграмата до својот француски колега, Груевски изрази сочувство до семејствата на жртвите и посочи дека македонската држава стои рамо до рамо со Франција и со сите сојузници од ЕУ и од НАТО во борбата против глобалниот тероризам и против тероризмот во која било држава во Европа и во светот.