Македонија Груевски: Да направиме 11 декември да биде празник на демократијата

Груевски: Да направиме 11 декември да биде празник на демократијата

„Имаме уште два дена кои треба одговорно и мирно да ги поминеме и кризата ќе заврши. Треба само да сме мудри и со ладни глави…“, рече на прес-конференција во Кавадрци, Никола Груевски, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и носител на кандидатската листа во изборната единица 4.

– Институциите мора да дејствуваат одговорно и професионално, тоа го очекуваме од нив, ова се однесува меѓу другото и најважно и на институциите со кои раководи СДСМ, а нашите пријатели од меѓународната заедница да ни помогнат партнерски и пријателски, да се справиме со предизвиците. Поминаа две и пол години, има уште два дена. Не дозволувајте да ви ја одземат државата и вашето право слободно да одлучувате по сопствено убедување. Храбро, гордо и достоинствено, сите заедно да се спротивставиме на сето ова што се случува. Тоа е мојата порака до вас, уште два дена, не дозволувајте сега на крајот да нè закрват, не подлегнувајте на провокации – вели Груевски.

Според Груевски, никој не е поважен повеќе од граѓанинот на оваа држава, ни поединци, ни раководства на партии, ни мрачните структури кои, како што рече, сакаат да го заплашат поединецот.

– Сите да излезете и да го дадете вашиот глас, ако сметате дека треба да ни дадете поддршка нам, во ред, ние ќе бидеме благодарни и нема да ве изневериме, го знаете тоа, ние ја кажавме нашата програма и она за што се залагаме и што може да очекувате од нас, ако, пак, сметате дека треба да им дадете поддршка на Заев и неговите соработници, повторно во ред, поентата ми е дека тоа треба да е ваша и само ваша одлука. Јас сум убеден дека вие знаете што е подобро за вас, за вашите семејства и што е подобро за Македонија! 11 декември, недела, сите заедно да направиме да биде празник на демократијата и ден на гордост. А вечерта да слави Македонија – додаде Груевски.