Главна секција Груби ја одложи комисиската седница за законот за јазиците

Груби ја одложи комисиската седница за законот за јазиците

Претседателот на собраниската Комисија за европски прашања, Артан Груби, ја одложи утрешната комисиска седница на која во второ читање требаше да се расправа за предлог-законот за употреба на јазиците, соопштија од Комисијата.

Во соопштението не се наведува причината за откажувањето на седницата, која требаше да се одржи на 22 ноември – Денот на албанската азбука. Датумот кога ќе биде одржана ќе биде дополнително соопштен.

Одложувањето на седницата доаѓа еден ден откако еврокомесарот за проширување и за добрососедска политика, Јоханес Хан, рече дека Владата треба да се фокусира на приоритетите за кои ќе биде оценувана и оти Брисел не го бара законот за јазиците, ниту пак тој е дел од Договорот од Пржино.

Пратениците минатата недела со 66 гласа „за“ и со 41 глас „против“, дадоа виза предлог-законот за употреба на јазиците да оди на второ читање, а за него досега се поднесени 90 амандмани, од кои 84 од ВМРО-ДПМНЕ, четири од СДСМ и два од Беса.