Свет Европа Гранатирани инфраструктурни објекти во Запорожје и Одеса

Гранатирани инфраструктурни објекти во Запорожје и Одеса

Вкупно 86 судири се случиле долж линијата на фронтот во Украина во изминатите 24 часа додека беснее војната со Русија, соопшти Генералштабот на вооружените сили на Украина

Уништено училиште од бомбарирање на 21 јули 2022 година во Краматорск, Украина. Фото: Wikimedia commons/State Emergency Service of Ukraine

Руски проектили погодија индустриска инфраструктура во градот Запорожје, информира Регионалната воена управа на Запорожје, пренесува Укринформ. Утрово, руската армија лансираше балистичка ракета од привремено окупираниот Крим и врз инфраструктурен објект во областа Одеса.

„Руските терористички сили уште еднаш ја нападнаа индустриската инфраструктура на Запорожје, лансирајќи проектили“, напиша Иван Федоров, началник на управата.

Вкупно 86 судири се случиле долж линијата на фронтот во Украина во изминатите 24 часа додека беснее војната со Русија, соопшти Генералштабот на вооружените сили на Украина. Руските сили извршиле 11 ракетни и 78 воздушни напади на украинските позиции и на населените места. Погодени се голем број станбени згради и објекти од цивилна инфраструктура, а пријавени се и цивилни жртви.

Генералштабот на вооружените сили на Украина излезе со проценка дека вкупните борбени загуби на Русија достигнале 458.580 жртви. Тоа вклучува 750 војници и офицери убиени или ранети само во изминатиот ден. Украинските одбранбени сили уништиле и над 7.000 руски тенкови, над 13.000 оклопни борбени возила, 11.000 артилериски системи, 26 воени бродови и подморници, 15.000 возила и друга воена опрема.