Македонија Граѓанскиот инспекциски совет ќе работи на регулативата за потребите на животната средина

Граѓанскиот инспекциски совет ќе работи на регулативата за потребите на животната средина

Фото: Архива на Мета.мк

Граѓанскиот инспекциски совет (ГИС), денеска, на Денот на планетата Земја, по еден месец од јавната промоција на Денот на водите, 22 март, одржа состанок за приоритетните потреби во животната средина и експертизата на граѓанските организации, за што веќе се формирани пет работни групи, соопшти „Зелен институт“.

Кирил Ристовски од „Флорозон“, од групата за закон за инспекција, реферираше за состојбата со законската регулатива и отсуството на анализа и дополнувања, а Невена Георгиевска од „О2 Иницијатива“ ги претстави приоритетите за поголема контрола на опасен отпад, но и потребата од критериуми за проценка и контрола на изворот, видот и количеството на отпадот за депонирање.

Ана Чоловиќ Лешоска од „Еко свест“, координаторка на групата за води, ги наведе приоритетите: надминување на проблемот со враќање на пријави и претставки од инспекторите до надлежни институции и судови, забелешки на Законот за води, заедно со Алијансата „РазбистриСе“; обезбедување целосна регулатива и постапка за малите хидроцентрали, заради полесен надзор од инспекторите, за што „Еко свест“ ќе направи обука за мониторинг на биолошкиот минимум. Таа наведе дека се чека Законот за природа за да се интервенира во него во смисла на зголемување на капацитетот на ДИЖС преку повеќе инспектори, за што ќе се обратат до Министерството за финансии.

Во име на групата за индустриско загадување, Лилјана Поповска од „Зелен институт“ ја наведе законската обврска за автоматски мониторинг во индустријата, преку Законот за индустриски емисии што се очекува, активности со малата хидроцентрала во Лешница; притисок до институциите за решавање на отпадот од стари рудници, како и од РЕК Битола и Осломеј; јавна дебата за гарантен фонд за ремедијација и друго.

По искажувањата на граѓански организации, членови на ГИС, директорката на ДИЖС, Ана Петровска, посочи дека граѓанскиот сектор е мост за поголема транспарентност на институциите и помош во состојбата со недоволни ресурси на ДИЖС, а посебно за правната помош во проблематични предмети. Таа особено ја истакна потребата од помош за решавање на проблемите со малите хидроцентрали кои ги загрозуваат водите и биодиверзитетот во најубавите планински подрачја.