Ctrl - Z Градот Скопје почна да чисти депонии на приватни имоти, но и да...

Градот Скопје почна да чисти депонии на приватни имоти, но и да ги казнува сопствениците

Фото: Град Скопје

Инспекторите за животна средина на Град Скопје деновиве почнаа акција за чистење и казнување за приватни депонии, односно имот на кој сопствениците дозволиле од негрижа или од лукративни причини да се креира отпад во скопските општини, информираат градските власти.

Врз основа на пријава од граѓани или самоиницијативно, инспекторите за животна средина прво вршат инспекциски надзор, ја констатираат состојбата на терен со записник и издаваат решение со кое ќе ги задолжат сопствениците на имотот во даден рок да постапат по даденото решение.

„Доколку сопствениците на имотот не постапат по тоа решение инспекторите ќе изготват ново решение, со кое се задолжува ЈП „Комунална хигиена“ да ја исчисти наведената локација. Трошоците за чистење се фактурираат на сопственикот на приватниот имот кој креирал или дозволил да се направи дива депонија. Во оваа постапка, инспекторите постапуваат според Законот за управување со отпад и Законот за животна средина“, се наведува во соопштението на Град Скопје.

Во текот на минатата недела, по издадено решение од инспекторите за животна средина, исчистена е дива депонија на раскрсницата меѓу булеварот Гоце Делчев и улицата Беласица, кај трговскиот центар „Ист гејт“, информираат од Град Скопје.