Македонија Градот Скопје обезбедува чартер и пречек за ракометарите на „Вардар“, како и...

Градот Скопје обезбедува чартер и пречек за ракометарите на „Вардар“, како и награда од 100.000 евра

Скопскиот градоначалник Петре Шилегов побарал од советниците, Град Скопје на РК „Вардар“ да му даде награда во износ од шест милиони денари. Градот, исто така, ќе организира чартер лет за ракометарите да пристигнат порано од предвидениот редовен лет.

ЈСП Скопје пак ќе обезбеди два двокатни автобуси со кој заинтересираните бесплатно ќе бидат превезени до скопскиот аеродром за дочекот на ракометарите.

-Од синоќа сум во контакт со управата на ракометниот клуб, успеавме да обезбедиме чартер лет за клубот. Износот е 39.500 евра на авионот. Ќе полета во 14.30 часот, а во Скопје ќе слета 18.50 часот. Го координиравме авионот за да бидат завршени сите безбедносни мерки поради Самитот на НАТО, за да може скопјани слободно да присуствуваат на оваа свеченост – рече Шилегов на почетокот на денешната седница на Советот на Град Скопје.

Тој побара Советот на Град Скопје да донесе одлука и за сума во износ од околу два милиони денари за организација на настанот, односно за пречекот на ракометарите.

ЈСП Скопје, пак, ќе обезбеди два двокатни автобуси за организираниот пречек на ракометарите на „Вардар“ на меѓународниот аеродром Скопје.

Заинтересираните граѓани ќе бидат бесплатно превезени во аеродромот и назад. Автобусите ќе тргнат од 17 часот кај Олимписки базен.

Доколку времето е добро, ракометарите на „Вардар“ од аеродромот до плоштадот Македонија ќе се возат со панорамски автобус.