Македонија Градоначалникот Заев им го честиташе првиот училишен ден на првачињата

Градоначалникот Заев им го честиташе првиот училишен ден на првачињата

„Овој миг го заслужувате бидејќи вие сте гордоста и иднината на Струмица и на Македонија, вие сте тие во кои гледаме со надеж и во кои веруваме“. Вака градоначалникот на општина Струмица, Зоран Заев, им го честиташе првиот училишен ден на првачињата на свечената програма, која во нивна чест се одржа пред Домот на АРМ во Струмица.

– Радувајте му се на денешниов ден бидејќи ова е ваш ден. Ова е ден во знакот на многу први нешта. Како што е прв денот септемвриски, така е прво училишното ѕвонче што денеска се огласува за вас, прво е вашето седнување во училишните клупи, прв е и зборот што го слушнавте од вашите наставнички и, конечно, прво е одделението со кое почнува вашето повеќегодишно образование. Ве очекуваат уште многу први нешта, како што се првата научена буква, првиот број, првиот напишан збор, првата песничка, првата домашна задача и сè така по ред. Од ден на ден ќе бидете сè побогати со знаења, а тие знаења ќе ви отворат многу врати во вашиот понатамошен живот – рече Заев.

Заев на учениците им порача дека во училиште, освен тоа што е напишано во учебниците, ќе научат како се стекнува и се негува другарството, како меѓусебно да се почитуваат и да си помагаат.