Македонија Град Скопје: Фонтаната е квалитетна, но не е за тешки товарни возила

Град Скопје: Фонтаната е квалитетна, но не е за тешки товарни возила

Градот Скопје денеска преку соопштение реагира на информациите што се појавија во медиумите поради пропаѓањето камион во површинската фонтана на плоштадот Македонија, како и на обвинувањата дека станува збор за неквалитетна градба на оваа фонтана.

„Сакаме да нагласиме дека површинската фонтана на плоштадот Македонија е градена според сите стандарди за изведба на ваков тип фонтани. Станува збор за површинска, таканаречена сува фонтана со вкопано армирано-бетонско корито. Водата што прска од фонтаната понира меѓу плочите, се прочистува и се враќа во системот. Поради таквиот начин на работа, површинските фонтани никаде во светот не се предвидени по нив да се движат возила, а особено не тешки товарни возила“, стои во реакцијата.

Од Градот Скопје наведуваат дека околу плоштадот Македонија има кружна црна патека од гранит којашто е предвидена да издржи тежина на камиони и оти возачот на камионот е виновен за инцидентот бидејќи не се придржувал до препораките на чуварите, кои ги насочувале камионите на плоштадот.

„Но, и покрај укажувањата на чуварите, возачот на камионот го завртел возилото кон фонтаната и пропаднал. Други камиони кои ги почитувале укажувањата од чуварите да се движат по црната гранитна патека без пречки ја транспортирале опремата за бината. Оттука, грешката за пропаѓањето на камионот во површинската фонтана на плоштадот Македонија е исклучиво кај возачот на камионот кој претходно бил предупреден дека возењето по оваа фонтана е забрането“, се вели во соопштението и се додава дека веќе е направен увид на фонтаната и дека наскоро ќе биде поправена и повторно ставена во функција.