Дописници Говорницата во битолскиот Совет како во судница

Говорницата во битолскиот Совет како во судница

Битолските советници од власта и од опозицијата од седница во седница влегуваат во сè пожестоки дискусии кои не ретко ги надминуваат и границите на пристојно однесување.

Додека еден зборува на говорница, други од спротивниот табор дофрлуваат и ја попречуваат дискусијата, а не се штедат и навреди, лични дисквалификации и исмејувања.

Советничката на ВМРО-НП, Габриела Илиевска, на последната седница на Советот, пред два дена, се пожали дека кога е на советничката говорница, се чувствува како да е на обвинителна клупа од коментарите и од зајадливите прашања дофрлувани од советниците на власта.

– Претседателке, јас не сум овде на обвинителна клупа, па сега да ме испитуваат колегите. Значи, колегите ме испитуваат, а Вие не им враќате ним, туку мене. Не може некој од столче да ме испрашува кои и какви работи се добри, а кои не – се пожали Илиевска.

Советникот, пак, на НСДП, Благојче Котевски, кој неодмна беше исклучен од партијата, зборувајќи за кварталниот извештај на буџетот на Општина Битола, наместо одговор на поставеното прашање, доби контрапрашање – чиј советник е тој.

– Крајно лицемерно е да се доделат само 930 евра за сите основни училишта за одржување хигиена – рече Котевски од НСДП.

– Кога дискутираме за лицемерство, еве, да не бидете лицемерни, да им објасните на колегите советници и на јавноста, чиј советник сте вие – рече Илче Димовски, советник на ВМРО-ДПМНЕ.

Неможејќи да се справи со ситуациите, претседателката на Советот на Општина Битола, Силвана Ангелевска, токму кога ќе се вжешти атмосферата и кога дискусиите ќе зафатат сосема друг правец од оној што е на дневен ред, веднаш предлага пауза за вжештените глави.

– Ќе направиме пауза, страстите се разгорени. Ве молам внимавајте кои зборови ги употребувате – порачува Ангелевска.

А.Б.