Македонија Гоше Николов од Мета.мк е еден од добитниците на наградата „Гласник на...

Гоше Николов од Мета.мк е еден од добитниците на наградата „Гласник на невидливите“

Новинарот на Мета.мк наградата ја доби за написот и за видеото од серијата ЗОШТО (НЕ) Е ТАКА, на темата: Најчестите митови и дезинформации за лицата со попреченост. При врачувањето на наградата, Николов најпрво им се заблагодари на лицата со попреченост кои учествуваа во видеото и ги разобличија митовите и дезинформациите за нив кои што преовладуваат во нашето општество. Тоа се Беира Салифоска, Томица Стојановски и Елена Кочовска

Фото: Мета.мк

Новинарот на Мета.мк Гоше Николов е еден од добитниците на наградата „Гласник на невидливите“ за 2024 година, што ја доделува Македонска платформа против сиромаштија (МППС). Тој наградата ја доби за написот и за видеото од серијата ЗОШТО (НЕ) Е ТАКА, на темата: Најчестите митови и дезинформации за лицата со попреченост.

Наградите беа доделени вечерва во Кафе-книжарница „Буква“ во Скопје, а годинава се доделуваат по седми пат.

При врачувањето на наградата, Николов најпрво им се заблагодари на лицата со попреченост кои учествуваа во видеото и ги разобличија митовите и дезинформациите за нив кои што преовладуваат во нашето општество. Тоа се Беира Салифоска, Томица Стојановски и Елена Кочовска.

„Во текот на обработката на приказната овие митови не беа извадени туку-така од мене како новинар, туку беа предмет на длабоко истражување на македонскиот интернет простор. Истовремено и нашата публика ја прашавме за тоа со какви митови и стереотипи за лицата со попреченост се имаат сретнато во нивните животи и ги извадивме оние кои што беа најраспространети. Потоа им ги посочивме на оние кои што беа вклучени во приказната да ги искоментираат“, рече Николов.

Како што додаде тој, може да се заклучи дека преовладуваат митови кои можеби некои ги сметаат за банални и апсурдни меѓутоа за жал реалноста е таква.

„Во затворено општество како македонското преовладуваат низа стереотипи, предрасуди и митови за разни категории и групи на граѓани. Тие не само што ги исклучуваат оние кои се дел од човековата разноликост, туку и истовремено претставуваат вистинска пречка на патот кон инклузија и еднаквост“, посочи Николов.

Тој посочи оти серијалот видеа ЗОШТО (НЕ) Е ТАКА до сега има десетина епизоди и во сите нив се зборува за митови и дезинформации на теми кои може да се сметаат за скокотливи и ги предизвикуваат традиционалните погледи и културните норми.

Целта на наградата е промовирање на новинарство кое ги опфаќа многуте аспекти на сиромаштијата и социјалната исклученост, во кое се почитуваат граѓаните и нивното достоинство, како и оддавање благодарност на новинарите кои внимаваат преку нивното информирање да не се градат стереотипи и кои не се водат од сензационализам.

Добитници на наградата „Гласник на невидливите“, освен Николов, годинава се и Бјанка Станковиќ од „Види Вака“ за сторијата „Менструацијата продолжува да биде луксуз во Македонија“, Бојан Стојковски од creativevoice.mk за сторијата „Суровиот живот на улица и надежта за втора шанса“, Мирјана Мирчевска Јовановиќ од ТВ Канал 5 за „Реaкции по укинувањето на додатокот до 6.000 денари за дел од децата со Даунов синдром“, Михаил Милошевски од „360 степени“ за „Во „чевлите“ на лицата со попреченост – секојдневна битка да се влезе дома, во автобус, па дури и на доктор“, Теодора Цветковска – „Анекта 010 – Бојан Шашевски“ и  Тони Ајтовски од локалактив.мк за „Македонските печалбари во Италија, не можат да го остварат своето право на пензија, по повеќе од две години“.