Познати се финалистите за наградата за најдобар превод „Драги“. Во последниот круг на селекција влегоа петмина преведувачи со изданија објавени од пет издавачки куќи и преводи направени од четири различни јазици.
Финалисти за наградата „Драги“ за 2024 година се Анастасија Ѓурчинова (за преводот од италијански на „Интимен живот“ од Николо Аманити), Ѓоко Здравески (за преводот од хрватски на „Тројца за картал“ од Миљенко Јерговиќ), Екатерина Бабамова (за преводот од англиски на „Градот на победата“ од Салман Ружди), Елисавета Поповска (за преводот од француски на „Девојчински спомени“ од Ани Ерно) и Ирена Јурчева (за преводот од англиски на „Силмарилион“ од Џ. Р. Р. Толкин).
Годинашното издание на наградата „Драги“ е реализирана од страна на издавачката куќа „Антолог“ со поддршка на Министерството за култура и во соработка со Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ – Скопје. Наградата се состои од плакета и статуетка „Драги“ како и со паричен дел кој изнесува 30.000 денари. За наградата првично беа номинирани 43 дела на 40 преведувачи, објавени од 18 издавачки куќи или поединци, за преводи направени од 18 различни јазици и од сите жанровски категории – романи, раскази, книги за деца, поезија, драма.
Соопштувањето и доделувањето на наградите ќе се случи на 2 октомври во 12.30 часот.
Како што веќе беше соопштено, ќе се додели и интернационалната награда „Драги“ за најзначаен превод на македонски автор на странски јазик на преведувачот Бенјамин Лангер (Германија) за преводот на безвременскиот роман „Пиреј“ од Петре М. Андреевски од македонски на германски јазик.