Македонија Ѓорчев: СДСМ тоне сè подлабоко во амбисот

Ѓорчев: СДСМ тоне сè подлабоко во амбисот

„Замрзнувањето на работата на СДСМ во Собранието не е добро и ја продлабочува кризата во Република Македонија. Со продлабочување на кризата губи народот и губи државата“, изјави денеска членот на извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Владимир Ѓорчев, како реакција на прес-конференцијата на Зоран Заев.

– Социјалдемократскиот сојуз тоне сè подлабоко во амбисот. Видоа дека вандализмот, уривањето и палењето се жестоко осудени од македонскиот народ и дека поддршката за нивната деструкција буквално се намалува од ден на ден. СДСМ сфати дека нивната безидејна и деструктивна политика е прочитана од народот. На сите им стана јасно дека СДСМ по ниту една цена нема намера да дозволи македонскиот народ да одлучува на избори. СДСМ ја внесе земјава во агонија и во криза и сака таа агонија и криза што е можно повеќе да продолжат затоа што немаат никаков капацитет за позитивен политички натпревар со идеи и со проекти. Минатиов период СДСМ се закануваше дека ќе го запали Уставниот суд, дека за уши ќе ги влече и на клоци ќе ги исфрла уставните судии. Се закануваше дека ќе составува листи на подобни за нив судии, а почнаа да поднесуваат и кривични пријави против судии за донесени одлуки врз основа на закон и врз основа на сопствено убедување – вели Ѓорчев.

Тој додаде дека сега останува да се види дали пратениците на СДСМ ќе ги замрзнат и платите и ќе се финансираат од истиот извор од кој се финансираат и таканаречените невладините организации.