Македонија Ѓорчев: СДСМ не може да ги спречи пријавените пратеници да дискутираат

Ѓорчев: СДСМ не може да ги спречи пријавените пратеници да дискутираат

СДСМ не може врз ниту една основа да им го одземе правото на преостанатите 45 пратеници во Собранието на Македонија да говорат по точката од дневен ред, само затоа што на СДСМ не им се допаѓаат нивните дискусии, порача денеска на партиска прес-конференција пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Влатко Ѓорчев.

Тој обвини дека СДСМ сака да го прекрши деловникот.

– Обидот на СДСМ кој го прекрши деловникот на Собранието е да се замолчи и да се прескокне дебатата за тиранската платформа. СДСМ сака по секоја цена да ги замолчи пратениците да не може да говорат за штетните последици од тиранската платформа која ја има прифатено и која има цел темелно и долгорочно да ја редефинира државата. Затоа СДСМ спротивно на одредбите на деловникот и спротивно на собранинската практика сака да ја прекине дебатата и претресот што се одвива во моментот се одвива во Собранието на Република Македонија. Во согласност со член 80, став 2 на деловникот, јасно е дека претресот трае додека не се исцрпи листата на пратеници кои се пријавиле за збор. И ова не може да биде прекршено под ниту еден услов ниту поради политичката желба на една партија, еден пратеник или една група – рече Ѓорчев.

Тој рече дека СДСМ нема основа да ги спречи останатите 45 пратеници да говорат.