Главна секција Ѓорчев ѝ порача на ДИК да не помислува да ја фалсификува волјата...

Ѓорчев ѝ порача на ДИК да не помислува да ја фалсификува волјата на граѓаните

Крајно време е Државната изборна комисија (ДИК) да ги објави конечните резултати од парламентарните избори и крајно време е, по цела ноќ и цел ден, ДИК да ги објави мандатите, изјави попладнево на прес-конференција носителот на кандидатската листа на ВМРО-ДПМНЕ во изборната единица 6, Влатко Ѓорчев.

– Јасно е дека ВМРО-ДПМНЕ е победник. Јасно е дека ВМРО-ДПМНЕ има кристална јасна победа со значителна разлика. Време е ДИК по цела ноќ и цел ден да излезе со конечните резултати. Загрижени сме затоа што претседателот на ДИК, Александар Чичаковски, денеска напладне си заминал со објаснување дека морал да оди да спие од 12 до 19 часот. На денот кој е најважен, еднаш во четири години кога треба да си ја заврши работата. Улогата на ДИК е еднаш во четири години или еднаш во две години да спроведе избори – рече Ѓорчев и побара Чичаковски да каже дали навистина отишол да спие или е некаде на консултации или на средби.

Од ВМРО-ДПМНЕ истакнуваат дека во многу поголеми држави, кои имаат по 300 милиони жители, каде резултатите биле уште потесни, за неколку илјади гласа, државните изборни комисии на тие земји, по неколку часа ги објавуваат резултатите.

Ѓорчев истакна дека изборната мапа на Македонија е црвена, односно дека ВМРО-ДПМНЕ има победа во околу 50 општини, а СДСМ одвај во 10 општини. Тој апелираше да се почитува волјата на граѓаните на Република Македонија.

– Македонија вчера гласаше, констатирајте го тоа, пребројте ги гласовите и објавете ги мандатите. Во Македонија имавме регуларни избори, цела Европа ги призна резултатите и набљудувачите рекоа дека изборите минаа во најдобар ред и време е да се признаат резултатите и да му се честита на победникот, а тоа е ВМРО-ДПМНЕ – рече Ѓорчев, кој ѝ порача на ДИК да не помисли да ја фалсификува волјата на граѓаните.