На седницата што се одржува попладнево, Владата донесе одлука до Собранието да поднесе предлог за разрешување на јавниот обвинител на Република Македонија, Марко Зврлевски, и ги избра новите директори на Бирото за јавна безбедност и на Управата за безбедност и контраразузнавање, односно деловите на МВР кои се задолжени за полициските сили и за тајната полиција и за контраразузнавањето.
Горан Николовски е избран за директор на Управата за безбедност и контраразузнавање, каде досега директоруваше Владимир Атанасовски. Нов директор на Бирото за јавна безбедност е Лазо Велковски, кој го наследува Митко Чавков.
Горан Николовски е вработен во Управата за безбедност и контраразузнавање, каде е раководител на одделот за контраразузнавање за Балкан, а Лазо Велковски, долгогодишен вработен во МВР, во текот на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ, до формирањето на техничката влада, бил преместен во Агенцијата за разузнавање.
На владината седница е констатирано дека новоименуваните директори, Велковски и Николовски, се квалитетни експертски решенија со долгогодишно работно искуство во областа, кои не биле и не се членови на политички партии. Изразено е уверување дека Велковски и Николовски успешно ќе одговорат на одговорностите во двата важни органа за безбедноста, што функционираат при МВР, на чии челни позиции се поставени, со оглед дека претстојат сериозни реформи во МВР и во тајните служби, согласно забелешките на Извештајот на експертската група на ЕК, предводена од Рајнхард Прибе. За разрешените директори Чавков и Атанасовски е констатирано дека учествувале во недозволиви и незаконски активности против државата, соопшти Владата.
Одлуката за разрешување на републичкиот обвинител Зврлевски е донесена поради незаконито, ненавремено и недоволно стручно вршење на функцијата. Констатирано е дека обвинителот Зврлевски не е способен за извршување на функцијата, не поднесувал барања за покренување кривична постапка за случаи предвидени со закон и со тоа го нарушил нарушил угледот на функцијата, се вели во соопштението од Владата.