Македонија Германската компанија „Техникал текстил“ почнува со работа во мај

Германската компанија „Техникал текстил“ почнува со работа во мај

Во Технолошко-индустриската развојна зона – Штип од мај годинава ќе почне со работа германската компанија „Техникал текстил“. Станува збор за инвестиција вредна 12 милиони евра, со која е предвидено да се отворат 1.000 нови работни места.

Сопственикот на компанијата, Јанс Вендлер, денеска оствари средба со премиерот Никола Груевски, по што со директорот на Дирекцијата за ТИРЗ, Виктор Мизо, го потпиша договорот за реализација на инвестицијата во Македонија.

Во фабриката ќе се произведува фиберглас за индустрискиот пазар, за градежната, автомобилската, авионската и за бродската индустрија.

Вендлер истакна дека сакаат да почнат со работа што е можно побргу и, според планираното, фабриката ќе биде отворена за четири недели.

Тој посочи дека планираат да вработат околу 1.000 лица, кои ќе биде потребно да имаат искуство, главно, во бизнисот на печатењето. Првите 50 вработени се веќе на обука во нивната фабрика во Словачка, а веднаш бараат и дополнителни 300 до 400 лица за да ги ангажираат во фабриката во Штип.