Подглавна секција Германија одобрила околу 125.000 визи за обединување семејства во 2023 година

Германија одобрила околу 125.000 визи за обединување семејства во 2023 година

Вкупно 101.734 роднини на лица кои живеат во Германија кои не се бегалци, добиле визи за обединување на семејството, пренесува германската новинска агенција ДПА

Фото: Sophia Kembowski/dpa

Германските власти до 12 декември годинава издале 124.625 визи за обединување на семејството, што е значително повеќе од околу 117.000 за цела 2022 година, пренесе германската новинска агенција ДПА.

Податоците ги соопштило Министерството за надворешни работи, на барање на пратеничката на партијата Левица во Бундестагот, Клара Бингер.

Помал удел добиле роднините на признаените бегалци, 10.570 визи, потоа семејствата на лицата со право на супсидијарна заштита, 12.067 и барателите на азил – 254.

Супсидијарна заштита се доделува на лица кои не се ниту бегалци ниту баратели на азил, но кои се под закана од прогон или смрт во својата татковина.

Вкупно 101.734 роднини на лица кои живеат во Германија кои не се бегалци, добиле визи за обединување на семејството. На пример, околу 12.500 визи биле поделени на роднини на турски државјани кои редовно се населуваат во Германија.

Роднините, според ДПА, често мора да чекаат долго време за термин за да ја поднесат својата апликација во германските конзулати. Во Дака, Исламабад или Лагос, според министерството, потребно е повеќе од една година.

„Многу бегалски семејства остануваат разделени со години поради затворените бегалски рути и бавните процедури за азил. Ова се должи на долгите чекања во визните редови“, рече Бингер.

Честа последица е тоа што децата со години растат без еден или двајцата родители, додаде пратеничката.