Свет Европа Германија и крстосувачките ракети за Украина: „Тоа не се апарати за кафе“

Германија и крстосувачките ракети за Украина: „Тоа не се апарати за кафе“

„Не станува збор за програмирање на апарат за кафе“, изјави Писториус објаснувајќи дека одлуката за испраќањето на ракетите „Таурус“ во Украина може да почека уште некоја недела

Германскиот министер за одбрана Борис Писториус. | Фото: Томас Банејер, ДПА (Thomas Banneyer/dpa)

Ќе испрати ли Германија крстосувачки ракети „Таурус“ во Украина? Кијив подолго време ги бара, а Берлин упорно одговара дека не може брзо да донесе одлука, пишува агенцијата ДПА додавајќи дека германските власти го повторија овој став во петокот.

Министерот за одбрана Борис Писториус јасно стави до знаење дека неколку дена повеќе или помалку нема да сменат многу.

„Ако сега треба уште една или две недели да се донесе одлука, нека биде така“, рече министерот.Тоа не значи никакво двоумење од страна на германската влада“, нагласи Писториус додавајќи оти Сојузна Република Германија мора да си ја дозволи оваа претпазливост, дури и ако е тешко за нашите украински пријатели да ја разберат.

Тој посочи дека Германија мора да ги одмери последиците од секој чекор.

Крстосувачките проектили достигнуваат подалеку од кое било друго оружје испорачано досега и се „многу сложен индустриски производ“, рече министерот.

„Не станува збор за програмирање на апарат за кафе“, изјави Писториус. Тој објасни дека Германија има „околу 500 или повеќе од овие проектили“. На околу половина од нив, како што рече, им треба некаков вид на поправка или репрограмирање.

Владиниот портпарол Штефен Хебестрајт исто така во петокот изјави дека нема да има одлука во следните неколку дена.

Германскиот канцелар Олаф Шолц досега секогаш беше резервиран кога е во прашање испраќањето на ракетите „Таурус“ во Украина. Украинската армија со крстосувачки ракети може да ја таргетира и територијата на Русија, на што таа може да возврати.