Главна секција Г.г Стефан: Не бараме ништо повеќе од она што го заслужува нашиот...

Г.г Стефан: Не бараме ништо повеќе од она што го заслужува нашиот православен народ

Поглаварот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, г.г. Стефан и Светиот архиерејски синод на МПЦ-ОА во посланието по повод претстојниот празник Воскресение Христово – Велигден истакнуваат дека животот на сите вистински следбеници на Христа е исполнет со искушенија, со духовни падови и подеми – со крст, но и со воскресение.

„Нашиот народ и нашата Охридска и Македонска црква се сведоци за тоа низ сета своја историја. За жал, еве и по 60 години, црковно оправданата постапка на македонскиот православен народ е дочекана со неодобрување, преку селективното и пристрасно разбирање на каноните, кои се толкуваат и применуваат по нечија дневна потреба – се вели во посланието.

Во него се вели дека Црквата и народот не губат надеж и веруваат дека ќе ни се врати местото во сеправославното семејство.

„Затоа, трпеливо молиме, бараме и чукаме на портите од срцата и совеста на нашите православни браќа. А што бараме? Бараме да нè препознаат дека сме тоа што сме биле, чеда на своја вековна Црква, во која исповедаме и живееме „според верата на апостолите и на отците, верата православна – верата што ја утврди вселената“. Не бараме ништо повеќе од тоа што го имал, од тоа што го заслужува, и што му припаѓа на нашиот православен народ. Зашто, со нашата полна црковна самостојност, ќе се збогати и ќе се умножи Црквата Христова. Со тоа и православните браќа и Помесните цркви ќе ја избегнат можноста да паднат во негативните расположби и постапки на своето историско минато“ стои во посланието.